Јавната општинска установа за деца – детска градинка „Ангел Шајче“ – Куманово својата дејност ја започна во 1958 година. Тогаш со решение на Народниот одбор на Општина Куманово беше формирана самостојна установа за згрижување и воспитување на деца од 3-7 годишна возраст со две воспитни групи,лоцирани во тогашен Дом за деца без родители. Во 1965 година формиран е прв клон на детско забавиште во ОУ „11ти Октомври“. Во 1967 година Фондот на детска заштита при Собранието на Општина Куманово финансира изградба на нова детска градинка (сегашен објект „Славејче“). Втората деценија од постоење на Установата се карактеризира со отварање на градински групи во постоечките училишта и интензивна градба на објекти за опфат на деца од предучилишна возраст.
Покрај зголемениот број на опфатени деца, се зголемува и бројот и структурата на вработените во Установата кои имаат свој придонес во реализирање и унапредување на дејноста: воспитувачи, негователи, стручни работници и соработници (педагог, психолог, логопед, специјален едукатор и рехабилитатор, социјален работник, музички педагог, општа медицинска сестра) и административно – технички персонал.
Во моментот во состав на 8 објекти и 2 центри за ран детски развој се опфатени околу 1604 деца распоредени во 62 воспитни групи од кои: 13 јаслени групи, 46 градински групи од кои 3 албански хетерогени групи, 4 Мозаик – билингвални групи интегрирани во нашата Установа (3 македонско – албански и 1 македонско – српска група), 1 комбинирана група во објект „Изворче“, 1 комбинирана од втора смена, 1 хетерогена група во Центар за РДР и 3 групи за деца од училишна возраст за кои се грижат вкупно 223 вработени од различни профили. Децата во седум објекти престојуваат само во прва смена, а во еден објект престојуваат и во втора смена од 12,00 – 22,00 часот.