Основната дејност на Установата е згрижување, воспитание и образование на деца од предучилишна возраст. Таа се остварува преку: згрижување, престој, нега, исхрана, воспитно – образовни, спортско – рекреативни, културно – забавни активности, како и превземање на мерки и активности за подобрување и зачувување на здравјето, сé со цел поттикнување на интелектуален, емоционален, физички, ментален и социјален развој на детето до шест години, односно до вклучување во основното образование.
Целокупната работа се заснова на почитување на законските, статутарните и програмските регулативи, како и најновите педагошко – психолошки сознанија.
Воспитно – образовната работа се реализира според Програма за рано учење и развој во која се имплементирани активности и од следните програми:
Инклузија во рано детство – Претставува рана детекција, идентификација и диференцијација на деца кои имаат потешкотии во развојот и нивно вклучување во воспитно – образовниот процес.
Интеграција на еколошко образование во македонскиот образовен систем – Поттикнува свесност за разбирање на природните процеси, создава базични основи за зачувување и грижлив однос кон биодиверзитетот. Во рамките на оваа програма со родителите и пошироката средина се организираат еко акции, работилници, кампањи. Истата се реализира со деца од 3-6 години.
Воведување во почитување на различности и мултикултурализам – Создава основи за соживот меѓу различни култури, децата се воведуваат во почитување на различности од различни аспекти и муклтикултурализам во македонската средина. Се спроведува со деца од 5-6 години.
Едукација на децата за одгледување и конзумирање на здрава храна – Кај децата развива знаења за значење и потреба од конзумирање на свежо зготвена здрава храна преку нивно непосредно учество во одгледување на зеленчук во органска градина, подготовка и конзумирање на здрава храна. Програмата се реализира со деца на возраст од 3-6 години.
Програмата Мозаик претставува развојно – психолошка и педагошко – дидактичка концепција која обезбедува билингвална и бикултурна социјализација на детето. Тоа продолжува да ја развива културата на мајчиниот говор, но и се запознава и учи да го почитува јазикот на другата етничка или културна група; учи да разбира и користи некои зборови и основни фрази од јазикот на другата етничка група, се запознава и учи да ги почитува обичаите, празниците, традицијата на својата и другата етничка или културна група. Се поттикнува меѓусебно запознавање, почитување и пред сè дружење на децата од различни етнички или културни групи што придонесува за надминување на различни видови на предрасуди и стереотипи. Мозаик групите се мешани според етничка припадност, пол и возраст од 3-6 години. Програмата се реализира во билингвалните групи (македонско – албанска и македонско – српска група) во објектот Бубамара.
Во годишната програма на Установата се имплементирани и следните интерни програми и планови: План за здравствена заштита, Програма и план за соработка со семејството и пошироката општествена средина, Програма и план за работа на Стручен совет, Програма и план за стручно усовршување на кадарот, Програма и план за јавна и културна дејност, Програма и план за работа на Совет на воспитувачи, Програма и план за работа на Совет на негователи, Програма за адаптација на децата, Програми за работа на стручните работници и соработници, Програма за работа на Советовалиште за деца и родители како и Програма и План за реализација на проектни летни активности „Забавно лето“. Во текот на годината воспитно образовниот тим на секој објект, со децата реализира Интерна проектна активност која се презентира на Совет на воспитувачи и Совет на негователки.