Почитувани родители,

Од оваа воспитна година, како дел од политиката на нашата градинка, донесовме одлука воспитувачите да не споделуваат фотографии од секојдневните активности на децата во Viber и Messenger групите.

Оваа одлука не значи дека сакаме родителите да бидат помалку информирани за она што се случува во градинката. Напротив, нашата цел е времето поминато со децата да биде максимално посветено токму на нив – на квалитетна игра, учење, разговор, истражување, дружење и непосредна интеракција. Сметаме дека воспитувачот во текот на активноста треба да биде целосно присутен со децата, а не насочен кон тоа да направи што повеќе и што подобри фотографии за подоцна да бидат споделени во групите.

Истовремено, сакаме како градинка да негуваме средина во која децата уште од најрана возраст ќе учат дека убавите моменти не мора секогаш да бидат фотографирани и споделени за да имаат вредност.

Живееме во време во кое телефоните и социјалните мрежи се сè поприсутни, а децата многу рано го усвојуваат моделот дека она што го правиме, каде сме, што јадеме или како се забавуваме треба да биде снимено, покажано и вреднувано од другите. Наша заедничка задача е да им помогнеме да изградат поинаков однос – да научат да го доживеат моментот, да уживаат во него и да знаат дека неговата вредност не зависи од фотографијата, објавата или реакцијата на другите.

Секако, значајните активности, приредби, проекти и посебни моменти и понатаму ќе бидат документирани и, согласно правилата на установата, споделувани преку официјалните канали на градинката.

Веруваме дека на овој начин заедно градиме средина во која детето и неговото искуство се во центарот, а не телефонот и фотографијата.

Наместо секојдневно да се информирате за активностите во градинката преку фотографии, сакаме да направиме еден чекор понатаму – да ја отвориме нашата установа кон вас и да ви дадеме можност да бидете дел од тие активности.

Сакаме родителите да не бидат само набљудувачи на она што го правиме, туку, секогаш кога имаат можност, да станат наши соработници и активни учесници во животот на градинката.

Тоа не значи дека секоја активност треба да биде организирана како семејна креативна работилница на која ќе присуствуваат сите родители. Напротив – понекогаш е доволно и само еден родител, кому работните и секојдневните обврски му дозволуваат во тој момент да ни се придружи.

Можете да бидете дел од читање приказна, разговор со децата, креативна, музичка, спортска или истражувачка активност, да им претставите нешто од вашата професија, знаење, вештина или хоби, да помогнете при посета, прошетка или едноставно да поминете дел од денот со нас и непосредно да видите како децата учат, истражуваат и растат.

Не сакаме градинката да биде затворен простор во кој родителот само го остава и го зема своето дете. Сакаме таа да биде отворена за семејството, за соработка, идеи и заеднички искуства.

Затоа, секој родител кој има желба и можност да се вклучи во некоја од планираните активности е добредојден да се договори со воспитувачите и да ни се придружи.

Наместо само да гледате фотографија од она што вашите деца го правеле тој ден, сакаме понекогаш да бидете таму – да го доживеете тоа заедно со нив

Ви благодариме за разбирањето и поддршката.