Навики за чување на здравјето и одржување на лична хигиена и уредност
Самостојно ја одржува личната хигиена, редовно ги мие рацете и лицето; учи да ги мие забите, да има уредно исечени нокти; чисто и уредно да ги одржува обувките и облеката и да ги става во гардероба, да спие на свој кревет; при кашлање и кивање да става рака на уста и да се сврти на страна; да не пие студени течности по динамични игри.
Навики за културно јадење
Детето да се навикне наполно и културно самостојно да јаде во семејството, градинката и други средини; да јаде тивко, полека и во исто време со другите деца,
Навики за одржување на хигиена и уредност во околината
Детето се оспособува да одржува хигиена и уредност во просториите дома, во градинка и друга средина; да се навикнува за заштита на човекова животна средина; да се навикнува уредно да ги става играчките на свое место, да умее да нареди масички, столчиња за одредени активности; правилно да ги користи санитарните уреди, приборот за лична хигиена и хигиена во занимална, уредно да ги остава играчките, сликовниците и другите средства во центри за игра, да ги собира отпадоците од ликовните активности и други отпадоци; да не фрла отпадоци во простории, дворна површина, улица, влез на зграда и други објекти и места;
Навики за културно однесување
Детето да создава навики за културни меѓусебни односи со другите луѓе во различни средини и ситуации (улица, игралиште, парк, на посета, прошетка…); навика за редовно најавување на свое присуство во просторија при влегување – чукање на врата, поздравување, културно да се јавува на познати лица при средби на улица и други места; учтиво да се јавува на телефон; да не им пречи на возрасните кога се зафатени со работа или разговор; да употребува културни термини за поздравување, отпоздравување, замолување, заблагодарување, повикување, извинување и друго. При секојдневни ситуации и активности да создава културни, другарски односи со врсниците, да ги дели играчките со другите деца, да помага и да е солидарен; да не напаѓа и навредува, учтиво да побара помош од родители, возрасни и другарчиња.