Јавната општинска установа за деца – детска градинка „Ангел Шајче“ – Куманово својата дејност ја започна во 1958 година. Тогаш со решение на Народниот одбор на Општина Куманово беше формирана самостојна установа за згрижување и воспитување на деца од 3-7 годишна возраст со две воспитни групи,лоцирани во тогашен Дом за деца без родители. Во 1965 година формиран е прв клон на детско забавиште во ОУ „11ти Октомври“. Во 1967 година Фондот на детска заштита при Собранието на Општина Куманово финансира изградба на нова детска градинка (сегашен објект „Славејче“). Втората деценија од постоење на Установата се карактеризира со отварање на градински групи во постоечките училишта и интензивна градба на објекти за опфат на деца од предучилишна возраст.

Покрај зголемениот број на опфатени деца, се зголемува и бројот и структурата на вработените во Установата кои имаат свој придонес во реализирање и унапредување на дејноста: воспитувачи, негователки, административно-технички персонал, музички соработник, педагог, психологлогопед, дефектолог, социјален работник.

Во моментот во состав на 7 објекти и 2 центри за ран детски развој се опфатени околу 2000 деца распоредени во 50 воспитни групи од кои: 10 јаслени групи,  26 градински хомогени групи, 2 албански хетерогени групи, 2 проектни Мозаик – билингвални групи интегрирани во нашата Установа, 1 комбинирана група во објект „Изворче“ и една комбинирана од втора смена, 5 групи за деца од училишна возраст и 3 хетерогени групи во Центри за РДР за кои се грижат вкупно 189 вработени од различни профили. Децата во пет објекти престојуваат само во прва смена, а во еден објект престојуваат и во втора смена од 12,00 – 22,00 часот.